ПРВ.мк
Македонија

НОВ ЦЕНОВЕН ШОК: Дизелот од вечерва поскапува - еве за колку!

НОВ ЦЕНОВЕН ШОК: Дизелот од вечерва поскапува - еве за колку!

Од ноќеска на полноќ стапуваат на сила нови цени на горивата, при што дизелот бележи значително поскапување, додека дел од бензините добиваат минимално намалување. Според пресметките на Регулаторна комисија за енергетика, дизелот поскапува за 2,5 денари по литар, додека цената на бензинот БС-95 се намалува за половина денар, а БС-98 останува непроменета.

Иако од Владата се очекуваше поинаков исход – поевтинување на бензините и задржување на цената на дизелот – конечната математика покажа спротивен ефект. Така, дизелот ќе се продава по 95 денари за литар (со вклучен попуст), наместо досегашните 92,5 денари. Бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе чини 81,5 денари, додека БС-98 останува на 83,5 денари за литар.

Овие цени се резултат на пресметки во кои се вклучени сите активни мерки и попусти, вклучително и оние што ги обезбедува ОКТА. Но, без тие попусти, максималните цени што ги утврди регулаторот се значително повисоки – дизелот достигнува до 98 денари, БС-95 до 83,5 денари, а БС-98 до 85,5 денари за литар.

Од 7 април 2026 година, официјалните максимални малопродажни цени ќе изнесуваат:

  • ЕУРОСУПЕР БС-95: 83,50 денари за литар
  • ЕУРОСУПЕР БС-98: 85,50 денари за литар
  • ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V): 98,00 денари за литар
  • Екстра лесно масло за горење (ЕЛ-1): 95,50 денари за литар
  • Мазут М-1 НС: 51,311 денари за килограм

Од ОКТА информираа дека попустот ќе продолжи да важи до крајот на месецот, а од регулаторната комисија апелираат трговците да го пресметаат овој попуст директно во крајните цени за граѓаните. Со тоа, како што велат, дизелот би се намалил за околу 3 денари по литар, а бензините за околу 2 денари.

Премиерот Христијан Мицкоски претходно изјави дека со намалувањето на ДДВ-то, акцизите и со попустите, цените на бензините треба да се намалат, а дизелот да остане стабилен. Сепак, реалната состојба на терен покажува дека дизелот сепак поскапува, што отвора прашања околу ефектот на мерките.

Мицкоски нагласи и дека овие мерки имаат висока цена за државниот буџет, при што дневните загуби се проценуваат на најмалку еден милион евра. Доколку економската состојба дополнително се влоши, не се исклучува можноста за нови интервенции, како намалување на ДДВ или замрзнување на цените и маржите на основните прехранбени производи.

Од регулаторната комисија посочуваат дека без владините мерки, цените ќе биле значително повисоки – бензините за околу 8,5 денари повеќе, а дизелот дури за 12 денари по литар.

Во меѓувреме, цената на дизелот бележи сериозен раст од почетокот на кризата на Блискиот Исток, зголемувајќи се од околу 71 на 95 денари за литар. Овој тренд предизвикува загриженост кај експертите, бизнис заедницата и земјоделците, кои предупредуваат дека зголемените трошоци за гориво може директно да се прелеат врз цените на храната.

Според најавите, инфлацијата се очекува да продолжи да расте и да достигне меѓу 4 и 5 проценти, што дополнително ќе влијае врз животниот стандард на граѓаните.