ПРВ.мк
Македонија

ШОКАНТНО СВЕДОЧЕЊЕ ЗА „ПУЛС“: „Го направиле управител без да знае ништо – мојот син беше жртва!“

ШОКАНТНО СВЕДОЧЕЊЕ ЗА „ПУЛС“: „Го направиле управител без да знае ништо – мојот син беше жртва!“

Во судницата во Идризово продолжи судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, во кој животот го загубија 63 млади луѓе.

Сведочеше Наско Карадаковски, татко на починатиот Александар Карадаковски, кој пред Судот изјави дека неговиот син бил формално поставен за управител на фирма поврзана со дискотеката – без да знае што значи тоа и без вистинска улога.

– Го прашав дали знае кои се одговорностите на управител. Ми рече дека не знае, дека тоа го прават Деко и Михајло. Ми кажа дека Деко го замолил бидејќи немал кого да постави – сведочеше таткото.

Тој нагласи дека неговиот син никогаш не работел во дискотеката „Пулс“, туку бил шанкер во кафулето „Класик“ во Кочани и само повремено помагал при реновирање пред трагедијата.

Карадаковски раскажа дека бил загрижен кога дознал дека синот е запишан како управител и веднаш побарал да се повлече.

– Му реков веднаш да излезе од таа фирма. Ми рече дека ќе се среди, дека има некој кредит што треба да се заврши. Му реков: „ако треба, јас ќе дојдам и ќе се расправам“ – изјави тој.

Одбраната на обвинетите реагираше на неговиот исказ, тврдејќи дека е контрадикторен и дека не придонесува за расчистување на случајот. Дополнително, дел од сведоците одбиваат да сведочат, што предизвика загриженост кај семејствата на жртвите за можно одолговлекување на процесот.

Пожарот во „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на концерт на групата ДНК, кога пиротехнички средства го запалија таванот од запалив материјал. Во трагедијата загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

Судењето продолжува со нови докази и сведочења, во обид да се утврди одговорноста за една од најголемите трагедии во земјата.