Осумнаесетгодишно момче од демиркапискиот регион станало жртва на измама откако непознат маж го убедил да му дозволи да ја фотографира неговата лична карта, со изговор дека документот му е потребен за да го ангажира во делење пакети за црква со паричен надомест.
Наместо повик за работа, младиот човек по неколку месеци добил писмо од финансиско друштво со барање да врати брз кредит во износ од околу 3.500 евра, подигнат на негово име.
Како што пријавил во ОВР Неготино на 17 февруари 2026 година, измамата се случила уште во октомври или ноември 2025 година во Неготино, кога лицето му ја земало личната карта под изговор за црковна хуманитарна активност. Иако му било ветено дека ќе заработи, момчето никогаш не било контактирано ниту добило пари.
Подоцна дознал дека со неговите податоци бил подигнат кредит од 215.731 денар, за кој се сомнева дека истиот човек го реализирал преку злоупотреба на личниот документ.
Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и откривање на сторителот.















