Денеска православните верници го слават Свети Трифун – светецот кој ги чува лозјата, вината и овоштарите. Но овој ден носи и необично „двојно значење“ – на истиот датум се одбележува и Денот на вљубените!
Св. Трифун живеел во 3 век во Мала Азија и уште од младост бил познат по својата вера и исцелителски дарби. За време на прогоните на христијаните во Римското Царство, тој пострадал маченички и поради тоа црквата го прогласила за светец.
Во Македонија, празникот е особено значаен за лозарските региони. Лозарите рано наутро одат во лозјата, симболично ги закројуваат лозниците и ги полеваат со вино, желејќи бериќет и плодна година. Се избира и „кум на лозјето“, кој според традицијата носи среќа и плодност.
Св. Трифун го означува и почетокот на пролетните земјоделски работи, како надеж за добра жетва. На многу места денеска се организираат свечености, дегустации на вино и народни веселби, а верниците упатуваат молитви за здравје и напредок.

















