Јавното претпријатие „Лајка“ повикува напуштањето миленик да се третира како кривично дело, откако при едно неодамнешно заловување во Скопје биле фатени шест кучиња, од кои пет имале сопственици. Инцидентот, кој се случил при заловување на женка во циклус, ја потенцира сериозноста на проблемот со бездомните кучиња и неодговорното сопствеништво.
Од Лајка велат дека проблемот не се решава само со заловување, стерилизација и згрижување, бидејќи постојано се создава нова генерација животни што завршуваат на улица. Дополнително, тие алармираат на зачестената појава на дислокација на кучиња – префрлање животни од една општина во друга – што го продлабочува проблемот и создава нови предизвици за службите на терен.
„Фактот дека пет од шест заловени кучиња имаат сопственик е директен доказ дека без строга законска регулација проблемот не може да се реши. Потребни се доследно применувани казни за неконтролиран расплод, пуштање кучиња без надзор и напуштање животни“, истакнуваат од претпријатието.
Како пример за успешна практика, Лајка посочува дека во Хрватска, Франција и Португалија напуштањето животно се третира како кривично дело со можност за високи парични казни и затворска санкција. Иницијативата е доставена до Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Владата и Агенцијата за храна и ветеринарство, со цел измени во Законот за заштита и благосостојба на животните.
„Животните не се виновни што се на улица. Решението е да се спречи создавањето нови напуштени животни – тоа може да се постигне само ако одговорноста стане реална, лична и најстрого санкционирана“, порачуваат од Лајка.

















