ПРВ.мк
Македонија

Мистерија во Тафталиџе: Сосетка со потресно сведоштво за трагедијата - што се случувало?

Мистерија во Тафталиџе: Сосетка со потресно сведоштво за трагедијата - што се случувало?
Kristal

Соседите со месеци слушале расправии, викање и повици за помош од станот во кој живееле мајката и шестгодишната ќерка кои трагично го загубија животот во скопската населба Тафталиџе. Ова го сведочи нивната сосетка Тања Спировска во емисијата „Ноќно студио“ на 4TV.

Спировска вели дека повеќепати лично пријавувала во полиција поради сомнеж за семејно насилство и гласни расправии, но реакциите од институциите, според неа, биле ограничени. Таа објаснува дека живее на третиот кат од зградата, додека семејството било на шестиот кат.

„Неколку пати пријавив на 112, а двапати дојде полиција“, раскажува таа.

Полицијата тропала по вратите на станарите

Според нејзиното сведочење, при една од интервенциите полицаецот се обидувал да открие кој го пријавил случајот, па тропал по вратите на станарите во зградата.

„Беше околу 11 часот навечер. Одеше од стан на стан и прашуваше каде е жената. Ми рече дека можам да добијам пријава за лажно пријавување“, вели Спировска.

По овој настан, таа напишала порака во вибер-групата на станарите, повикувајќи ги соседите да реагираат и да не молчат за насилството.

Повиците за помош се слушале низ целата зграда

Според сведочењето на сосетката, расправиите и насилството траеле подолг период и често се слушале низ ходниците и вентилацијата во зградата. Инциденти, како што вели, се случувале и пред зградата, па дури и во лифтот.

Особено вознемирувачки биле ситуациите кога малото девојче барало помош.

„Комшии кажуваа дека девојчето тропало по врати и барало помош за мајката. Детето беше постојано до неа и изгледаше многу исплашено“, раскажува Спировска.

Таа вели дека еден момент никогаш нема да го заборави.

„Во два часот по полноќ се слушна како девојчето вика: ‘Тато ќе ја убиеш мама’. Таа реченица ми остана засекогаш во глава“, додава таа.

Пријави имало, но прашањата остануваат

Според неа, насилството не било изолиран инцидент, туку проблем кој траел подолго време, за кој повеќе соседи пријавувале. Таа додава дека поднела и претставка до внатрешна контрола поради однесувањето на полицаец при една од интервенциите.

„Можеби ова ќе можеше да се спречи. Ние комшиите пријавувавме, но немаше повратна информација од институциите“, вели таа.

Според информациите што се појавија во јавноста, родителите биле во бракоразводна постапка, а мајката била повлечена и ретко зборувала за проблемите.

Соседите со чувство на вина

По трагичниот настан, соседите тешко се соочуваат со случувањата.

„Не можеме ни да поминеме покрај местото. Се прашуваме дали можевме нешто повеќе да направиме“, вели Спировска.

Таа смета дека одговорност треба да се бара кај повеќе институции – полицијата, Центарот за социјална работа и образовниот систем, особено затоа што станува збор за шестгодишно дете, ученичка во прво одделение.

На крајот, таа упати порака до жртвите на семејно насилство да не молчат и да побараат помош.

„Ги охрабрувам сите, особено жените, да пријавуваат и да бидат храбри. Семејното насилство мора да се искорени, затоа што ако не извлечеме поука од вакви трагедии, ќе продолжиме да губиме животи“, порача Спировска.

SWM
Pharmanova
FixCredit
Escape
Mia Home Mavrovo