Премиерот Христијан Мицкоски денеска се обрати на „Меѓународната конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани“ во Скопје, истакнувајќи дека трагедијата во дискотеката „Пулс“ е настан кој не се мери со време, туку со болката што ја остави зад себе.
– Трагедијата во Кочани беше болка на еден град, но и на целата држава. Во една ноќ се прекинаа животи, се променија судбини и се отвори длабока рана која ќе остане во колективното сеќавање на нашето општество. Во тие часови, цела Македонија застана. Не постоеше политика, ниту поделби, постоеше само чувство на грижа за луѓето кои се бореа за живот, рече Мицкоски.
Премиерот посочи дека денот на несреќата бил не само најтежок ден во неговиот мандат, туку и во неговиот личен живот. Тој ја потенцираше одговорноста на институциите и потребата за конкретен одговор од обвинителството и судовите за вината, истовремено нагласувајќи дека проблемите произлегуваат од системски пропусти кои се формирале со децении.
– Денот на несреќата покажа и друга страна – трага на солидарност и херои кои никогаш нема да бидат заборавени, заклучи Мицкоски.


















