Агенцијата за управување со одземен имот успеала да ги продаде двата стана на поранешниот премиер Никола Груевски лоцирани на Бихаќка, и тоа по речиси двојно повисоки цени од проценетите.
Еден од становите од 57 квадрати се продал за над 131.000 евра, а помалиот од 38 квадрати достигнал цена од 90.000 евра. За разлика од тоа, трите луксузни апартмани од комплексот „Панорама“ на Водно, со неверојатни балкони и панорамски поглед, не предизвикале интерес кај потенцијалните купувачи и аукцијата за нив останала без пријавени кандидати.
Имотите беа конфискувани во рамки на случајот „Плацеви на Водно“. Новите сопственици на становите на Бихаќка засега не се познати, бидејќи парите сè уште не се уплатени.