Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) испрати остро предупредување до политичките претставници, повикувајќи ги да не го уништат легалниот сектор за игри на среќа. Од организацијата нагласуваат дека затворањето на лиценцираните обложувалници и казина ќе доведе до експанзија на нелегално коцкање, зголемен криминал и губење на буџетски приходи.
„Дали знаете што ќе се случи кога ќе ја затворите легалната индустрија? Ќе се случи истото што се случи во Албанија – процвета нелегалниот бизнис, се играше по подруми, порасна криминалот, и на крајот државата мораше да ги врати лиценцираните обложувалници“, предупредуваат од АСОМ.
АСОМ посочува дека оваа индустрија е строго регулирана, вработува над 10.000 луѓе и редовно плаќа даноци. Тие ја осудуваат, како што велат, „негативната политичка реторика“ насочена кон обложувалниците, нарекувајќи ја штетна и искористена за краткорочен политички профит.
Организацијата ја обвинува владата дека избегнува јавна дебата за Законот за игри на среќа, а во меѓувреме подготвува „тајни верзии на законот“ без консултации со експерти и без учество на јавноста.
„Ние немаме што да криеме. Сакаме јавна расправа и транспарентен процес. Ако ние сме отворени – што кријат политичарите?“, прашуваат од АСОМ.
Во писмото до јавноста се додава и дека државата лицемерно организира сопствени игри на среќа преку интернет и видеолотарии, додека го таргетира легалниот приватен сектор.
„Секоја власт ја злоупотребува нашата индустрија за политички цели – не за регулирање, туку за преземање на пазарот“, стои во реакцијата.
АСОМ повторно го отфрла предлогот за целосна забрана на легалните игри на среќа и го оценува како:
- штетен за економијата,
- опасен за безбедноста на играчите,
- и катастрофален за над 10.000 семејства што директно зависат од оваа индустрија.
Организацијата бара итна јавна расправа и законско решение кое ќе биде европски усогласено, одржливо и праведно, а доколку не се постигне соработка, велат дека се подготвени да ги користат сите легални средства за да ја одбранат својата дејност.