Јавноста е потресена од убиството што се случи на 11 јули во селото Батинци, каде што двајца мажи – заедно со уште две непознати лица – се сомничат дека со умисла го ликвидирале Агим Муареми, пукајќи му пред очите на неговата ќерка.
Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против двајца осомничени, кои се гонат за тешко кривично дело – убиство како соизвршители, според член 123 став 2 точка 3, во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Според официјалната информација, нападот бил внимателно планиран. Осомничените дошле на локацијата во возило марка „Опел Астра“, управувано од второосомничениот, додека во автомобилот биле и првоосомничениот и две други, сè уште неидентификувани лица. Целта им била возилото „КИА Соренто“, во кое се наоѓале жртвата и неговата ќерка.
Кога ги пресретнале на патот, првоосомничениот извадил пиштол и испукал пет куршуми, при што Муареми бил погоден двапати во градите, а неговата ќерка за влакно избегнала смрт. Напаѓачот се заканил дека ќе го истреби целото семејство, а целата сцена се одвивала во непосредна близина на ќерката.
Храбриот татко, и покрај тоа што бил тешко ранет, успеал да излезе од возилото, обидувајќи се да ја заштити својата ќерка од грабнување или понатамошен напад. Овој потег ги натерал напаѓачите веднаш да влезат назад во нивното возило и да побегнат од местото.
Ќерката веднаш побарала помош од роднини, кои го однеле таткото во болница. За жал, тој им подлегнал на повредите и починал.
Јавниот обвинител издаде наредби за истражување на случајот, по што е идентификуван и уапсен второосомничениот, кој бил и возач на возилото со кое пристигнале напаѓачите. Тој денеска беше изведен пред судија во Основниот кривичен суд Скопје, а обвинителството побара мерка притвор.
Истовремено, се трага по првоосомничениот, кој пукал со пиштолот, како и по другите две лица што биле во возилото. Обвинителството интензивно работи на нивна идентификација и локација, со цел тие исто така да бидат изведени пред лицето на правдата.