Управата за јавни приходи потсетува дека сите граѓани кои во 2025 година оствариле доход од работа во странство треба да ги поднесат своите пресметки до 31 март 2026 година. Ова важи за секое физичко лице што примило плата или друг вид приход од странство, без оглед дали данокот во таа држава е веќе платен или не.
Пресметката се доставува преку системот е-Даночни услуги, заедно со релевантни докази – потврди од работодавач, платни листи, банкарски изводи, договори за услуги и слично. Ова е неопходно за да се утврди точниот износ на доходот и евентуално платениот данок во странство.
УЈП истакнува дека детални упатства и листа на држави со договор за избегнување двојно оданочување се достапни на нивната веб-страница, како и видеа за пополнување на електронските пресметки.
Во рамки на редовната контрола и размена на податоци, УЈП во 2025 година поднела над 200 барања до странски даночни органи за проверка на доход од работа преку американски компании во Авганистан и Ирак. Оваа активност е дел од напорите за транспарентен и точен даночен систем.

















