Податоците од институциите покажуваат дека проблемот со насилството врз жените во Македонија е далеку од решен. Само во текот на последните две недели, Министерството за внатрешни работи поднесе 21 кривична пријава за сторени вкупно 25 кривични дела во врска со семејно насилство, од кои шест кривични пријави се поднесени по брза постапка. Мила, жртва на семејно насилство и мајка на две малолетни деца, реши за „Фокус“ да ги раскаже траумите од 17-годишниот брак, на кој се обидува речиси цела година да му стави крај.
– Како да славиме кога се бориме за опстанок и секојдневно умираат жени – истакнаа учесничките на протестниот марш во Скопје, во чест на Меѓународниот ден на жената, 8 Март.
Под мотото „Нема да нѐ снема“, голем број граѓани маршираа низ скопските улици во чест на сите храбри жени што си го посветиле животот на оваа борба, за сите жени кои изминатата година не дочекаа правда, за сите оние што требаше да бидат спасени и за сите што не можат или не им е дозволено да излезат на марш.
Додека се одржуваше маршот, пристигна и полицискиот билтен на МВР за настаните што се случиле во претходните 24 часа. За 8 Март, Меѓународниот ден на жената пристигнале дури осум пријави за семејно насилство, неколку во Скопје и по еден случај во Росоман, Кичево и во Виница.
Насилниците не застанаа ниту по грозоморниот случај од почетокот на март, во кој мајка со своето шестгодишно дете се фрли од зграда затоа што трпела физичко насилство од сопругот со години. А била и двапати истепана од него утрото пред да реши да си го одземе својот и животот на невиното дете.
Насилниците не застанаа ниту по случајот со Росица од септември 2025 година, кога во Велес насилникот Илија Стефановски ги избоде до смрт 31-годишната поранешна партнерка Росица и нејзиниот 68-годишен татко, а потоа си го одзеде и својот живот. Пет дена претходно, Илија бил прогласен за виновен за загрозување на сигурноста и за насилство врз поранешната девојка Росица Коцева и добил условна казна.
Случаите на семејно насилство со фатални последици отворија широка расправа во општеството и јавноста побара одговор на милион прашања: Способен ли е системот да ги заштити жртвите на насилство и да не дојде до фатални последици? Доволни ли се казните? Има ли корупција во центрите за социјални работи? Имаат ли центрите за социјални работи доволно средства и стручен кадар? Дали МВР може да ги заштити жртвите? Дали државата располага со доволно засолништа и советувалишта? И дали жртвите што се спасиле од пеколот имаат институционална поддршка да продолжат да живеат и да егзистираат во земјава?
Пред еден месец беа изгласани измените на Кривичниот законик, со кои стореното кривично дело „телесна повреда“ (видливи модринки) нема да може да биде амнестирано под притисок на насилникот, односно гонењето ќе биде целосно препуштено на надлежните органи и ќе се гони по службена должност, а сторителот ќе биде со сигурност казнет. Досега законот предвидуваше гонење само по предлог на жртвата, што оставаше простор за насилникот да остане на слобода, претставувајќи закана за жртвата.
Токму тука е првиот проблем, велат активистите. Насилникот се пропушта низ првиот филтер, полицијата не го проценува ризикот од насилство, задоволувајќи се со законскиот минимум, а тоа е службена белешка или поплака, која фаќа прашина во досието. Но, полицијата тврди дека тоа се менува.
–Мора да напоменам дека ваквите измени на законот, во последната недела дена резултираа со три постапки по брза постапка спроведени од страна на СВР Скопје. Два притвори имаме изречено, во еден случај имаме изречено мерки за обезбедување присуство, каде што имаме детектирано ваков тип на потенцијално сторено кривично дело. Но, очигледно дека не само измената на законот, треба да го смениме кодот на однесување – изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Сведоштво: 17 години трпев насилство
Мила, со години, трпела психичко и економско насилство, не само од сопругот, туку и од неговите родители. На почетокот од бракот била присилена да работи на нива, не смеела да се дружи со никого, а по ризична бременост изгубила едно дете затоа што не ѝ дозволувале абортус и не добила медицинска помош.
По две години родила син, а потоа и второ дете, кое со огромен труд и ризик го спасила. Кога бебето имало 40 дена, Мила успеала да замине со двете деца кај мајка си, но насилното семејство ѝ ги одзело децата и избегало.
Таа станала жртва и на економско насилство – била задолжена за кредити за имот што требало да се користи за семејството, додека средствата од сопругот оделе кај неговите родители.
Центарот за социјални работи во Велес долго време не ѝ обезбедил соодветна помош, а институционалните пропусти ја оставиле Мила без поддршка, со постојани притисоци од семејството на поранешниот сопруг.
Институционални пропусти и потреба од системски промени
Начинот на однесување на полицијата и центрите за социјални работи е почетниот проблем што го детектираат жртвите и експертите. Жртвите треба да добијат брза заштита, сместување во засолниште, медицинска помош и правна поддршка, што во многу случаи не се реализира.
Државата обезбедува минимална финансиска помош и нема доволно долгорочно домување, обуки или професионална поддршка за жртвите на семејно насилство, што ја ограничува нивната самостојност и безбедност.
Мила им порача на жртвите да бидат храбри и да го кренат гласот – животот вреди повеќе од сè.


















