Во Велес е во тек поставување на современ систем за видеонадзор на повеќе локации низ градот, како дел од проектот „Безбеден град“, чија цел е зголемување на јавната безбедност и подобра контрола на сообраќајот.
Според информациите од Министерство за внатрешни работи, преку Секторот за внатрешни работи Велес се поставува целокупната потребна инфраструктура. Тоа вклучува инсталација на кабли, метални сандачиња, столбови и камери долж главните градски улици.
На последната седница на Советот на Општина Велес било посочено дека системот треба да биде целосно функционален до крајот на јули.
Локациите за поставување на камерите се избираат врз основа на безбедносни анализи, со фокус на најфреквентните сообраќајници и критичните крстосници каде често се регистрираат прекршоци и сообраќајни незгоди.
Со овој проект, надлежните очекуваат значително подобрување на безбедноста за граѓаните, побрза реакција на институциите и поефикасно следење на сообраќајот во градот.


















