Ноќта меѓу сабота и недела, на 29 март 2026, во Северна Македонија часовникот ќе се помести од 2 на 3 часот, означувајќи го почетокот на летното сметање на времето. Но ова „административно“ поместување носи реални последици за организмот.
Експертите предупредуваат дека промената директно го нарушува биолошкиот ритам. Американската академија за медицина на спиење укажува дека по пролетното поместување луѓето потешко заспиваат, спијат пократко и им требаат денови, а кај некои и подолго, за да се прилагодат на новиот ритам.
Последиците не се само замор и раздразливост. Студија објавена во „New England Journal of Medicine“ покажала повисока зачестеност на акутен инфаркт во првите три дена по промена на часовникот, а истражување цитирано од Американската академија за неврологија покажало 8% повисока стапка на исхемичен мозочен удар во првите два дена.
Најтешко ја поднесуваат промена оние што веќе имаат нарушен сон, работниците во смени, децата, младите и „вечерните типови“. Во секојдневното функционирање, студија на Американската психолошка асоцијација покажала дека работниците имаат повеќе повреди на работа во понеделникот по поместувањето, додека економска анализа укажува на 6% повисок ризик од фатални сообраќајни несреќи во неделата по промената.
Професионалните здруженија за спиење веќе бараат укинување на сезонското менување на часовникот и премин кон трајно стандардно време, оценувајќи дека тоа е подобро усогласено со човечката биологија.
Неделното менување на часовникот не е само формална пракса – науката покажува дека губењето еден час сон има конкретни ризици за здравјето и безбедноста на луѓето.


















