По 1.400 години, Англиканската црква за првпат ја презема жена. Сара Мулали денеска беше востоличена за 106. надбискупка на Кентербери, станувајќи формален лидер на Англиканската заедница во светот. Церемонијата привлече повеќе од 2.000 гости, меѓу кои принцот Вилијам и британскиот премиер, што само ја истакнува важноста на историскиот момент.
Ракополагањето жени долго време беше незамисливо за Англиканската црква – првите жени свештенички се појавија дури во 1994 година, а првата жена бискупка во 2015 година. Мулали, по професија онколошка медицинска сестра, стана најмлада главна медицинска сестра во Англија на 37 години, а потоа на 40 беше ракоположена за свештеничка. Во 2015 стана бискупка, а во 2018 година ја презема една од највлијателните позиции – бискупка на Лондон.
Но, нејзината нова улога не доаѓа во мирни времиња. Таа го наследува Џастин Велби, кој поднесе оставка по критики дека не реагирал доволно на обвинувања за злоупотреби поврзани со црковен волонтер. Мулали сега се соочува со задачата да ја консолидира заедницата, да се справи со скандалите и да го отвори новото поглавје во историјата на Англиканската црква.
Овој момент не е само симболичен – тоа е предизвик за целиот институт, а очите на светот се свртени кон младата лидерка која носи и историска, и морална тежина.


















