Престанокот со пушење не е само одлука, туку процес низ кој телото поминува
Пушењето е зависност во вистинска смисла на зборот, исто како и зависноста од дроги. Излегувањето од затворениот круг на зависноста не зависи само од тоа дали имате волја или не, а неуспехот треба да се гледа како добар прв чекор и да се обидете повторно, бидејќи телото и умот силно се спротивставуваат на одвикнувањето од цигарите. Никотинот создава прелазен врв на нивото на ендорфин во мозочните центри за уживање и затоа е доволно да пробате да запалите само една цигара за да се изложите на ризик да не можете повеќе без никотин.
Таа супстанца станува предмет на желба од првиот момент кога ќе ја вдишете, исто како и со опојните дроги: кога нивото на никотин во крвта паѓа, пушачот едноставно мора што побрзо да земе нова „доза“, односно да запали нова цигара. Сепак, не е невозможно да се престане со пушење, а тој процес може значително да се олесни ако добро го запознаете „непријателот“ и она што ви се случува кога пушењето станува желба на која не можете да одолеете. Затоа е корисно да знаете седумте фази низ кои поминува нашето тело кога влегува во апстиненција од пушење. Тогаш ќе ви биде појасно што ви се случува и ќе бидете свесни дека наскоро ќе стане полесно, а со тоа ќе се зголемат шансите да издржите во тие први месец дена без цигара.
После 30 минути до 4 часа Нивото на никотин во циркулацијата се намалува за 90 проценти и се јавува желба да запалите цигара. Се чувствувате под стрес и вознемирено.
После 10 часа Откако сте запалиле последна цигара, ве следи немир, но и тага. Физичката желба за никотин е силна, може да почувствувате пецкање во рацете и нозете поради враќањето на нормална циркулација. Во исто време, нивото на шеќер во крвта паѓа и се зголемува чувството на глад. Станува се потешко да заспиете.
После 24 часа Во циркулацијата веќе нема никотин, но желбата за пушење е екстремно силна. Се зголемуваат и анксиозноста и раздразливоста, а се зголемува и апетитот.
После 48 часа Се зголемува желбата за пушење, придружена со анксиозност и понекогаш депресија и главоболка.
После 72 часа Екстремната желба за цигара полека може да почне да слабее, но повремено се враќаат силни епизоди на желба што траат неколку минути. Анксиозноста расте, а можно е да се засили и кашлицата и иритацијата на грлото. Главоболката обично во оваа фаза полека исчезнува.
После 7 дена Недела дена по последната цигара, желбата за пушење сè уште постои, но не толку интензивна. Сега треба да се внимава на „поттикнувачите“, односно сите ситуации што во вас будат желба да запалите.
После 15 дена По 2 до 4 недели се чувствувате како да немате енергија, но постепено анксиозноста, депресијата и кашлицата се намалуваат, апетитот се враќа во нормала, а исчезнува и таканаречената „мозочна магла“ која може да биде присутна во првите денови по престанокот на пушењето.