ПРВ.мк
Магазин

(ФОТО) Погледнете како ќе изгледа луксузниот хотел на ДиКаприо на брегот на Израел

(ФОТО) Погледнете како ќе изгледа луксузниот хотел на ДиКаприо на брегот на Израел
Escape

Холивудската ѕвезда Леонардо ДиКаприо (50) и израелската градежна компанија Hagag Group добија зелено светло за изградба на спектакуларен хотел на престижна локација покрај Херцлија Марина, луксузна плажа недалеку од Тел Авив. Комисијата за просторен план и изградба во Тел Авив минатата недела даде конечна дозвола за проектот, отворајќи ги вратите за една од најамбициозните хотелски инвестиции во земјата.

Станува збор за проектот на Hagag Marina Herzliya Ltd., подружница на моќната Hagag Group, предводена од браќата Цачи и Идо Хагаг. Новиот хотел ќе се протега на импресивни 51.000 квадратни метри, со дозволена висина до 14 ката — што е драстично зголемување во однос на првичните 10.000 квадратни метри при купувањето на земјиштето, пишуваат израелските медиуми.

Покрај две згради со 365 хотелски соби, проектот вклучува голем базен, конферентен центар, ресторан од висок ранг, комерцијални содржини, како и подземен простор од 8.000 квадратни метри, од кои 1.500 се наменети за основната функција на комплексот. Посебна атракција ќе биде луксузната марина за јахти со директен пристап до хотелот, што ќе овозможи гостите да пристигнуваат директно преку морето.

Проектот го потпишува угледното израелско архитектонско студио Ranni Ziss Architects, а она што го издвојува од конкуренцијата е силниот фокус на одржливост. Според соопштението на Hagag групата, токму заедничката еколошка визија била клучна точка во соработката со ДиКаприо, познат по својот ангажман во прашањата за климатските промени. Целта е хотелот да биде еден од најнапредните во Израел во однос на еколошката одржливост и енергетската ефикасност.

Браќата Хагаг обезбедиле опција за купување на земјиштето уште во 2015 година, а купопродажбата била финализирана во 2017 година, кога ја откупиле локацијата за 78 милиони шекели (околу 23 милиони долари). Првичната идеја била изградба на 200 одморалишни апартмани, но откако градската комисија го одбила тој предлог, проектот бил пренасочен кон хотелски капацитети со дополнителен сместувачки простор.

„Проектот Herzliya Marina е наш клучен инвестициски проект — резултат на темелно планирање и архитектонски иновации, кој целосно ги задоволува меѓународните стандарди за луксуз“, порачаа браќата Хагаг, додавајќи дека токму оваа локација ќе стане нов симбол на луксузен туризам во Израел.

Холивудскиот актер поседува 10 проценти удел во луксузниот комплекс, а проектот е усогласен со LEED стандардите на Американскиот совет за зелена градба, што значи дека ќе се применуваат одржливи практики во областите на енергетска ефикасност, заштеда на вода, избор на локација, употреба на материјали и квалитет на внатрешната околина.

И додека ДиКаприо ја истакнува важноста на екологијата, овој проект предизвика огромен бес во јавноста, бидејќи „одвратностите што Израел ги прави во Газа очигледно не го допираат“, а некои дури повикуваат на бојкотирање на неговите филмови.

„Повеќе нема да гледам ништо негово“, „Ова е одвратно“, „Еколошки свесен? Во соработка со земја која ги гладува децата? Тоа е избор“, „Го крие лицето додека е со Џеф Безос и неговата сопруга, но нема срам што продолжува со плановите за изградба на луксузен хотел во земја која во моментов спроведува етничко чистење врз своите соседи“, беа само дел од коментарите на најавениот проект.

Инаку, Лео со години е страстен застапник за заштита на животната средина, од климатските промени до заштитата на дивите животни. Преку својата фондација Re:wild донирал повеќе од 200 милиони долари за еколошки проекти ширум светот.

Ask ChatGPT

Mia Home Mavrovo