ПРВ.мк
Магазин

Цела година без ниту една жртва во сообраќајот - ова е градот за пример

Цела година без ниту една жртва во сообраќајот - ова е градот за пример
Escape

Во текот на изминатите 12 месеци, во главниот град на Финска не се случила ниту една сообраќајна несреќа со смртни последици, потврдија градските и полициските власти. Последната трагедија се случила во јули 2024 година, а ваквиот податок се оценува како историски успех.

Градскиот сообраќаен инженер Рони Утриаинен нагласува дека пресудна била стратегијата за ограничување на брзината – над половина од улиците сега имаат ограничување од 30 км/ч. Тоа е драстична промена во однос на пред 50 години, кога истите улици дозволуваа 50 км/ч.

Покрај намалените ограничувања, важна улога одиграле и подобрувањата во урбаниот дизајн – од реконструирана пешачка и велосипедска инфраструктура до зголемена соработка со полицијата и поставување нови сообраќајни камери и системи за автоматско следење.

Градот инвестирал и во безбедност на децата и учениците – со нови ограничувања на брзината во близина на училишта и попаметен дизајн на раскрсници. Во моментов е во тек стратегијата за безбедност во сообраќајот 2022–2026, која користи податоци и напредни алатки за планирање.

Во споредба со крајот на 1980-тите, кога годишно имало околу 1.000 сообраќајки со повредени и до 30 загинати, сега бројката паднала на 277 несреќи со повредени и нула жртви.

Утриаинен вели дека овие резултати се плод на децениски труд и систематска работа. Особено се истакнува дека ниту еден пешак не загинал на улиците на Хелсинки ниту во 2019 година.

Како нов предизвик тој го посочува ширењето на електричните тротинети, но вели дека веќе се применуваат ефективни решенија и за нивната безбедност.

Долгорочната цел на ЕУ е до 2050 година да се постигне нула смртни случаи во сообраќајот. Во Хелсинки, оваа визија веќе станува реалност.

Mia Home Mavrovo