Шест и полгодишно дете од предучилишна возраст починало од менингококна сепса во областа Високо, Босна и Херцеговина, кон крајот на февруари, пренесува порталот Кликс.
Од Институтот за здравје и безбедност на храната потврдија дека смртниот случај бил регистриран на 25 февруари и дека веднаш биле преземени сите неопходни епидемиолошки мерки. Надлежните служби од Здравствениот центар Високо спровеле детална епидемиолошка истрага, а сите идентификувани блиски контакти биле ставени на антибиотска профилакса во согласност со важечките препораки.
Според информациите, детето не посетувало основно училиште, но живеело во населба од која дел од децата посетуваат училиште во Високо. Сите лица кои биле во контакт со детето се идентификувани и прегледани, а досега не се пријавени нови сомнителни или потврдени случаи поврзани со настанот.
Како дел од превентивните мерки, извршена е дезинфекција на просториите, како и на училиштето во близина на домот на детето. Осум малолетници, 13 членови на семејството и 14 здравствени работници примиле заштитна терапија.
Во тек е засилен здравствен надзор во наредните 21 ден, а училиштата и родителите се информирани за симптомите на кои треба да внимаваат и за начинот на постапување во случај на евентуални здравствени проблеми.


















