Во виенскиот кварт Флоридсдорф, во саботата попладне избувна вистинска семејна драма, кога банален спор околу канта за ѓубре заврши со брутална тепачка и две повредени лица од македонско потекло.
Според австрискиот портал „Вол“, 48-годишен Австриец, кој имал неверојатни 3,28 промили алкохол во крвта, насилно го нападнал својот сосед – 44-годишен Македонец, кој само се обидувал да го изнесе ѓубрето.
Пијаниот напаѓач го соборил Македонецот на земја, го шутал, давел и удрил од ѕид, додека неговата сопруга, која се обидела да го одбрани, добила удар во лицето и смртни закани со нож.
Врисоците ги разбудиле и соседите, но и 19-годишниот син на брачната двојка, кој се вмешал во тепачката и со метален боксирач и палка се обидел да ги спаси родителите.
Полицијата брзо пристигнала на местото и ги уапсила сите инволвирани. Насилниот сосед е задржан поради напад под дејство на алкохол, додека против синот на Македонецот ќе се води постапка поради употреба на оружје.
Австриските медиуми јавуваат дека тепачката оставила шок и неверување кај жителите на квартот, кои велат дека „се ескалирало за нешто безвредно – канта за ѓубре“.