На денешното рочиште за случајот „Пулс“, во Кочани испливаа детали што отвораат сериозни прашања – дали навреме било алармирано, но никој не реагирал?
Сведокот Драги Илиевски посочи дека Општината уште претходно реагирала за спорната намена на објектот, кој се наоѓал во зона предвидена за лесна индустрија. Според него, таму не било дозволено отворање на угостителски објект како дискотека, ниту пак можела да се направи законска пренамена.
Општинските власти, како што беше истакнато, испратиле дописи до Државен пазарен инспекторат и до Министерство за економија, барајќи да не се издаде лиценца. Дури и првично одобрениот документ за користење паркинг бил повлечен веднаш штом се дознало за вистинската намена на објектот.
Но, клучното прашање останува – зошто, и покрај овие предупредувања, процесот продолжил?
Дополнително, сведокот Дејан Рашков објасни дека општината нема директна контрола врз издавањето лиценци или работењето на вакви објекти, иако дел од средствата од лиценците завршуваат во нејзиниот буџет. Надзорот, според него, е во рацете на други институции.
Случајот продолжува, а со секое ново сведочење се отвора нов слој – дали станува збор за пропуст, системска слабост или нешто многу посериозно?


















