Турската и регионалната јавност ја потресе веста за смртта на познатиот актер Канболат Горкем Арслан, кој почина на 45-годишна возраст како последица на срцев удар. Македонската публика особено ќе го памети по впечатливата улога во серијата „Осман Освојувачот“, каде што со својата појава и актерска енергија остави силен впечаток, но неговата кариера опфаќаше многу повеќе од само една улога.
Според информациите, на актерот му се слошило во неговиот дом во Бејоглу. Итно бил пренесен во болница, каде лекарите констатирале дека станува збор за срцев удар. И покрај напорите на медицинскиот тим, за жал, не успеале да му го спасат животот.
Покрај „Осман Освојувачот“, Арслан имаше значајни улоги и во други популарни продукции како „Destan“, „Poyraz Karayel“, „Yer Gok Ask“ и „Wild Heart“, каде што често толкуваше комплексни и силни ликови. Неговата способност да внесе длабочина и автентичност во секој лик му донесе препознатливост и почит во турската телевизиска и филмска индустрија.
Кариерата ја започнал на театарската сцена, каде што ги поставил темелите на своето актерско изразување. Театарот му овозможил да ја изгради дисциплината и посветеноста што подоцна ги пренесе и на малите екрани. Со текот на времето, преминал кон телевизиски проекти и станал дел од бројни успешни серии кои се емитуваа и надвор од Турција, вклучително и во Македонија.
По објавувањето на веста за неговата смрт, бројни колеги и пријатели се простија од него преку социјалните мрежи. Меѓу нив беше и актерката Емел Чолгеџен, со која делеше сцени во серијата „Појраз Карајел“. Таа јавно ја изрази својата тага со емотивна порака, наведувајќи дека останала без зборови и дека болката е преголема. „Збогум, пријателе мој, многу ми е жал. Немам зборови да го опишам тоа. Нека те чува земјата. Многу ми е жал, драг мој“, напиша таа на својот Инстаграм профил.
Смртта на Канболат Горкем Арслан претставува голема загуба за турската актерска сцена, но и за бројната публика која со години ги следеше неговите улоги и го ценеше неговиот талент.

















