Снег и обилни дождови ја зафатија Србија, а врнежите пристигнаа и во Белград. Републички хидрометеоролошки завод на Србија предупреди на обилни врнежи, отежнат сообраќај и можни прекини во снабдувањето со електрична енергија низ целата земја.
Силен снег паѓа во главниот град, што дополнително го забавува сообраќајот. Возачите на јавниот превоз се движат со зголемена претпазливост поради можноста од лизгање и намалена видливост.
Според најновото предупредување, денес се очекува формирање снежна покривка во ниските предели, главно јужно од реките Сава и Дунав, со наврнати од 8 до 20 сантиметри влажен снег, а на планините и повеќе. Влажниот и тежок снег може да предизвика проблеми во сообраќајот и локални тешкотии во електроенергетските системи.
Снежниот бран ги зафати и Нови Сад, а поинтензивни врнежи се очекуваат во Ужице, Нови Пазар, Крагуевац, Ваљево, Прибој и Сјеница. На планинскиот центар Копаоник температурите ќе се спуштат до -5 степени Целзиусови, додека во Сјеница ќе бидат околу -2 степени.
Во текот на денот снегот ќе се прошири кон сите области јужно од Сава и Дунав, а врнежите постепено ќе ослабуваат кон крајот на денот и во текот на ноќта. Се очекува постепено разведрување и ниски температури, што може да доведе до појава на мраз на патиштата.
Останува да се види дали и во Македонија ќе се почувствува влијанието на овој студен бран во наредните денови.

















