Во голема полициска акција на повеќе локации во Србија, 7 лица беа уапсени под сомнение за сериозни кривични дела поврзани со порнографија и сексуална експлоатација на малолетници. Меѓу уапсените се Б. Ф. (1969), П. М. (2002), Д. Н. (1988), Б. Р. (1954), С. С. (1962), П. С. (1962) и М. О. (1982), соопшти Министерството за внатрешни работи на Србија.
Осомничените се обвинети дека во текот на подолг период преземале, складирале и споделувале материјали создадени преку сексуална експлоатација на деца на DarkWeb. Претресите открија големи количини електронски податоци, вклучувајќи гигабајти фотографии и видеа, на кои беа прикажани деца на возраст од 4 до 14 години, класифицирани по возраст, пол и други параметри.
На осомничените им е определен притвор до 48 часа, по што ќе бидат изведени пред надлежното обвинителство со кривична пријава. Акцијата ја реализираа припадници на Министерството за внатрешни работи, Управата за технологија, Службата за борба против високотехнолошки криминал, заедно со Специјалното одделение за борба против високотехнолошки криминал на Вишото јавно обвинителство во Белград, како и полициски одделенија од Белград, Сомбор, Ниш и Нови Сад.
Министерството за внатрешни работи потенцира дека операцијата „Армагедон“ испраќа силна порака: дигиталниот простор не е безбедно засолниште за сторители на криминални дела против деца, и таквата злоупотреба нема да биде толерирана.
Ненад Богуновиќ од Службата за високотехнолошки криминал истакна дека пронајдениот материјал претставува најтешка можна содржина од темната мрежа, со деца на возраст од 4 до 14 години. Според него, материјалот се преземал преку разни апликации и DarkWeb, и се складирал во огромни количини, што барало внимателна идентификација и потврда за сексуална експлоатација.
Богуновиќ истакна дека ваквите акции бараат интензивна и долгорочна работа од мал број специјализирани полицајци, кои понекогаш слушаат часови аудио-снимки за да утврдат јазик и локација на потенцијалните жртви. Во последните две години, околу 100 лица се уапсени како дел од овие операции, што се смета за значаен резултат на европско ниво.
Тој додаде дека улогата на родителите е клучна: важно е децата да знаат дека можат да се обратат на родител ако се соочат со проблем или комуницираат со непознати, а родителите, пак, да пријават секакви сомнителни активности кај надлежните органи.


















