Србија се согласила да произведува дронови на своја територија со израелскиот воен гигант „Елбит Системс“, компанија која со години е критикувана поради нејзината улога во израелските воени операции во Газа и на Западниот Брег, открива заедничка истрага на БИРН и израелскиот „Хаарец“. Во извештајот се поставува прашањето зошто официјалните институции молчат и зошто Србија одлучила да учествува во производство поврзано со операции кои известувач на ОН ги опишува како геноцид, пренесува Н1.
Според медиумот, кој деновиве е под притисок од српските власти по смената на главниот уредник, визијата за Србија во 2030 година вклучува и развој на воена индустрија и производство на напредни дронови. Српскиот претседател Александар Вучиќ претходно најави отворање фабрика за „сериозни дронови“ во земјата.
„Наскоро ја отвораме првата фабрика за сериозни дронови тука во нашата земја, и кога велам сериозни – многу сериозни, најсериозните во светот“, изјави тој.
Државните институции засега не дадоа детални објаснувања, но истражувачките новинари од БИРН и „Хаарец“ наведуваат дека станува збор за заеднички проект меѓу државната SDPR и израелската компанија Elbit Systems, која е предмет на меѓународни критики поради својата улога во воени операции на Блискиот Исток.
Според истражувањето, договорите со „Елбит“ се вредни стотици милиони долари и опфаќаат напредни системи и беспилотни летала, додека во иднина се споменува и можност за домашно производство.
Извештајот наведува дека ќе се произведуваат два вида дронови – со краток и со долг дострел, кои би можеле да достигнуваат високи височини и да се користат во воени операции.
Во текстот се цитираат и сведоштва од терен од Либан, каде семејства пријавуваат големи човечки загуби по воздушни напади, како и критики од меѓународни организации за човекови права кои предупредуваат на масовно уништување на цивилна инфраструктура.
Претставници на израелската компанија „Елбит“ наведуваат дека нивните системи се „тестирани во борбени услови“ и дека побарувачката расте.
Истражувачите поставуваат и пошироки политички прашања за причините поради кои Србија ја продлабочува воената соработка со Израел, при што се споменуваат геополитички интереси и односите со САД.
Според аналитичари цитирани во извештајот, ваквите потези се дел од поширока стратегија за зачувување политички позиции и меѓународни сојузи.









