ПРВ.мк
Балкан

КАМИОНЏИИТЕ НЕ СЕ ТУРИСТИ: Превозниците бараат посебен третман во Шенген!

КАМИОНЏИИТЕ НЕ СЕ ТУРИСТИ: Превозниците бараат посебен третман во Шенген!
Kristal

Европската унија испрати јасна порака до превозниците од Западен Балкан – правилата за влез и престој во Шенген-зоната важат еднакво за сите, без исклучоци. Од Европска комисија нагласуваат дека постојат законски механизми кои можат да се искористат, но дека нема да има посебен третман надвор од постојната регулатива.

Портпаролот на Комисијата, Гијом Мерсие, изјави дека Брисел ги разбира предизвиците со кои се соочуваат професионалните возачи од регионот, но ги повика да ги користат можностите за долгорочни визи и дозволи за престој, како и флексибилностите што веќе се предвидени во шенгенските правила, особено во делот за прекугранични работници.

Но ваквиот став не ги смири превозниците. Тие очекуваат пресврт на вториот состанок на работната група, закажан за 23 февруари, каде ќе се обидат да ја убедат Европската унија дека професионалните возачи не можат да се третираат како туристи или како класични посетители. Според нивната аргументација, ако во новата Стратегија за визна либерализација ЕУ го признава возачот како професионалец со специфични потреби, тогаш е нелогично неговиот престој да се пресметува по правилото 90/180, кое важи за туристички и краткорочни посети.

Генералниот секретар на Макам-транс, Билјана Муратовска, посочува дека опциите што ги нуди Брисел во пракса не се функционални. Одговорите што ги добиле од амбасадите на Шпанија и Унгарија покажуваат дека визите кои се достапни се ограничени на 80 дена во период од 190 дена и важат само за територијата на конкретната држава. Тоа, според превозниците, е неспоиво со природата на меѓународниот транспорт, кој подразбира движење низ повеќе земји во рамки на Шенген-зоната.

Во меѓувреме, ситуацијата на терен станува сè посериозна. Во Германија се засилија контролите и апсењата на возачи од Западен Балкан поради надминување на дозволениот престој. Истовремено, хрватските гранични служби почнаа да ги враќаат камионџиите поради пречекорување на правилото 90/180, што значи повеќе од 90 дена престој во рамки на 180 дена. Последиците веќе се чувствуваат во синџирите на снабдување – помал број активни возачи значи побавен транспорт на стока, репроматеријали и суровини, што директно се одразува врз економијата.

Од Макам-транс велат дека активно работат на изнаоѓање преодно решение до целосната имплементација на новата визна стратегија на ЕУ. Испратени се официјални дописи до Министерството за надворешни работи и надворешна трговија со барање за средба со амбасадорите на земјите членки на Шенген-зоната, како и со амбасадорот на ЕУ во земјава, Михалис Рокас. Во процесот е вклучен и претседателот на Комората за странски инвестиции, а побарани се дополнителни информации од повеќе амбасади околу можноста за посебни визи за професионални возачи што би важеле пошироко низ Шенген.

Поддршка за иницијативата, според Муратовска, има од Стопанска комора на Северна Македонија, Американска стопанска комора во Северна Македонија и од Министерството за транспорт. Од ресорното министерство информираат дека во координација со Европската комисија се работи на трајно решение и дека е најавено одложување на примената на новиот систем за евиденција на влез и излез, познат како Entry/Exit System (EES), додека техничката работна група ги разгледува сите можности. Апелираат јавноста да не подлегнува на шпекулации што би можеле да го нарушат дијалогот.

Како привремена мерка, превозниците предлагаат деновите поминати во транзит да не се пресметуваат во рамки на правилото 90/180, со што би се избегнале забрани за влез и таканаречени „црни печати“. Како трајно решение бараат третман сличен на оној што го имаат пилотите и машиновозачите, кои се изземени од новиот електронски систем.

Блокадите на граничните премини од 26 до 29 јануари беа прекинати по најавата за нова визна стратегија, но незадоволството повторно расте. Срѓан Тошиќ, поранешен претседател на Здружението на возачи на камиони, изјави дека блокирањето на границите останува последна опција, но предупреди дека евентуални десетдневни или подолги блокади би предизвикале сериозни последици и за компаниите од регионот и за оние во Европската унија.

Додека турските возачи, кои и понатаму се во визен режим и користат виза Ц со правило 90/180, немаат проблем со внесување во ЕЕС-системот бидејќи процедурата ја минуваат при издавање на визата, возачите од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија се соочуваат со правна неусогласеност. Иако во дополнетата стратегија првпат се признава нивниот професионален статус и потребата од подолг престој, во пракса правилото 90/180 и натаму се применува без исклучоци.

Состанокот на 23 февруари ќе биде клучен тест – дали ќе се најде преодно решение што ќе го одблокира товарниот сообраќај или тензиите повторно ќе се преселат на граничните премини, со директно влијание врз економските текови во регионот и во Европската унија.

Pharmanova
FixCredit
Escape
Mia Home Mavrovo