Драматична снимка од ски-центарот кај гратчето Курмајор во северозападна Италија прикажува момент кога се формира огромна снежна лавина, само неколку дена по трагедијата во која загинаа двајца скијачи.
Во неделата (15.02) лавина го погоди скијачкиот центар, при што две лица го загубија животот, а едно беше тешко повредено. Едниот скијач починал на самото место, додека другиот им подлегнал на повредите на пат кон болница. Третото лице било итно пренесено на лекување во болница во Торино.
Во спасувачката акција биле ангажирани 15 спасувачи и три специјално обучени кучиња, а во интервенцијата биле вклучени и хеликоптери. Видео од спасувањето објави и Reuters.
Само два дена подоцна, на социјалните мрежи се појави нова снимка од уште една лавина на истата локација. Според странските медиуми, видеото е направено на 17.02.
На снимката се гледа група скијачи кои стојат на падината и ја набљудуваат лавината додека таа се формира, по што во паника почнуваат да бегаат. Дел од нив целосно исчезнуваат од видик поради густиот облак од снег што се крева додека лавината се спушта по планината.
Експертите предупредуваат дека областа околу Курмајор е позната по зголемен ризик од лавини, особено во периоди на обилни снежни врнежи и нестабилна снежна покривка. Лавините често се непредвидливи и може да бидат активирани спонтано, па дури и од движењето на самите скијачи.
Според досегашните информации, во втората лавина нема пријавени жртви или повредени, но снимките уште еднаш ја покажуваат сериозноста и опасноста од престојот на високоризични планински терени.
















