Глобалните пазари се на раб на нов енергетски шок, откако американската банка „Голдман Сакс“ предупреди дека цените на суровата нафта може да достигнат историски високи нивоа ако кризата во Ормутскиот теснец продолжи.
Само една недела по почетокот на американско-израелските напади врз Иран, цените на нафтата веќе доживеаја драматичен раст. Американската референтна нафта WTI достигна 90,90 долари за барел – скок од дури 36 проценти за само седум дена, што е најголем неделен раст од почетокот на фјучерс договорите во 1983 година.
И меѓународната референтна нафта Брент значително поскапе и ја заврши неделата на 92,70 долари за барел, со раст од 28 проценти. Аналитичарите предупредуваат дека ова можеби е само почеток.
Според проценките на „Голдман Сакс“, ако поморскиот сообраќај низ Ормутскиот теснец остане блокиран, цената на нафтата може многу брзо да ја пробие психолошката граница од 100 долари. Некои сценарија дури предвидуваат надминување на рекордите од 2008 и 2022 година.
Во 2008 година нафтата достигна 147 долари за барел – ниво кое подоцна се поврзуваше со почетокот на глобалната финансиска криза. Сега дел од експертите стравуваат дека сличен шок повторно може да ја погоди светската економија.
Дополнителна загриженост создава фактот што неколку земји од регионот, како Ирак и Катар, веќе го намалија или прекинаа дел од производството на енергенси. Истовремено, цените на горивата во Европа почнаа нагло да растат.
Во меѓувреме, САД разгледуваат план нивната морнарица да ги придружува танкерите низ Ормутскиот теснец, но поморските осигурителни компании сè уште не се убедени дека тоа ќе биде доволно за да се врати безбедната пловидба.

















