Мирниот трговски град Eштоn-ин-Мејкфилд, кој се наоѓа на периферијата на Манчестер, во последните месеци се соочува со сериозен бран на насилство што целосно го наруши секојдневниот живот на жителите. Наместо тивка средина, улиците сè почесто се сцена на инциденти што предизвикуваат страв и несигурност.
Градот со околу 26.000 жители, кој до неодамна бил типично место со училишта, спортски клубови и локални бизниси, денес се соочува со групи тинејџери кои создаваат хаос. Жителите сведочат дека овие банди фрлаат камења по минувачи, се обидуваат да им одземат телефони, подметнуваат пожари и физички напаѓаат луѓе во текот на целиот ден.
Ситуацијата станала толку сериозна што многу трговци се принудени да ги затвораат своите дуќани порано. Причината е што групи од 20 до 30 млади лица влегуваат во локалите, им се закануваат на вработените и фрлаат т.н. „смрдливи бомби“, создавајќи неподносливи услови за работа.
На социјалните мрежи се појавија и вознемирувачки снимки. На една од нив се гледа како млад човек вози мотор низ главната улица, игнорирајќи сообраќајни правила и движејќи се низ густ сообраќај. Дополнително, надзорни камери снимиле група вандали како ноќе влегуваат со автомобил на локален фудбалски терен и го уништуваат.
Еден од последните инциденти вклучувал група маскирани напаѓачи кои им се заканувале со нож на работници од комуналните служби, што предизвикало дополнителна загриженост и реакција од полицијата.
Жителите сè почесто јавно изразуваат незадоволство од реакцијата на полицијата, тврдејќи дека институциите главно ги евидентираат случаите, но не преземаат доволно конкретни мерки. Дел од нив дури велат дека полицијата повеќе изгледа немоќна отколку ефикасна.
Според сведоштва, ваквите сцени станале секојдневие. Граѓаните опишуваат како тинејџери со мотори без регистарски таблички возат низ градот, минуваат на црвено светло и се движат по тротоари, загрозувајќи ги пешаците. Некои од нив дури ги користат улиците како импровизирани тркачки патеки.
Покрај вандализмот и кражбите, се бележат и директни физички напади. На снимки се гледа како групи млади лица малтретираат сопственици на локали, но и напаѓаат девојки на улица. Во еден инцидент, дури и автобусна постојка била целосно уништена, а тројца тинејџери испаднале низ прозор од двокатен автобус за време на тепачка.
Трговците сведочат дека кражбите станале честа појава. Во еден случај, млади лица украле алкохол, а потоа се вратиле да си ја земат заборавената картичка, притоа заканувајќи му се на вработениот. Други пак раскажуваат дека групи влегуваат во продавници, одбиваат да ги почитуваат правилата и намерно создаваат хаос.
Граѓаните се сè позагрижени, а некои велат дека веќе не се чувствуваат безбедно да ги пуштат своите деца надвор. Според нив, проблемот не е нов, туку трае со години, но во последно време ескалирал.
Од полицијата во Манчестер соопштија дека се запознаени со ситуацијата и дека преземаат засилени мерки. Се вршат контроли, се посетуваат училишта и се соработува со локалната заедница за да се идентификуваат вклучените лица. Надлежните нагласуваат дека нема да толерираат вакво однесување и дека секој што ќе учествува во вакви инциденти ќе се соочи со последици.



















