Вчера избувнал пожар во рафинеријата за нафта „Нико Лопез“ во пристаништето на Хавана, што дополнително ја комплицира веќе сериозната криза со гориво во Куба, предизвикана од долгорочното американско ембарго.
Најголемата рафинерија во земјата се наоѓа во непосредна близина на пристаништето каде пред два дена пристигнале два мексикански бродови со над 800 тони хуманитарна помош. Сè уште не е јасно дали огнот ги зафатил складишните резервоари со нафта.
Куба од 1962 година е под американско ембарго, што ја поттикна долготрајната економска криза, со прекини во снабдувањето со електрична енергија, лекови, храна и гориво. Ситуацијата се влоши откако Куба го загуби својот најважен снабдувач на нафта по приведувањето на поранешниот претседател на Венецуела, Николас Мадуро. Повеќе недели во земјата не пристигнал ниту еден танкер со нафта.
Последиците од кризата се чувствуваат секојдневно: универзитетите се затворени, училиштата работат со скратено време, јавниот транспорт е редуциран, а продажбата на гориво ограничена. И болниците функционираат со намален персонал.
Обединетите нации синоќа изразија загриженост поради сериозната состојба, додека американскиот претседател Доналд Трамп порача дека Куба се движи кон пропаст и ја повика Хавана да склучи договор „пред да биде предоцна“.

















