Шведска отворено повика Европската унија значително да го заостри односот кон Русија, предлагајќи мерки што директно би го погодиле и економскиот и симболичниот комфор на руската елита. Барањето доаѓа во момент кога Брисел го подготвува веќе 20-тиот пакет санкции поврзани со војната во Украина.
Министерката за надворешни работи на Шведска, Марија Малмер Стенегард, порача дека досегашниот притисок не е доволен и дека е време за чекори кои нема да остават простор за заобиколување. Таа предложи целосна забрана за европски компании кои на било кој начин ѝ помагаат на руската флота што транспортира енергенси – од логистика и претовар, до осигурување и пристанишни услуги.
Според Стенегард, без овие услуги, извозот на нафта, гас и јаглен би станал значително потежок, а со тоа и приходите на Кремљ би биле директно погодени. Дополнително, таа побара построги мерки и за рускиот извоз на ѓубрива – сектор кој и натаму носи сериозни приходи за Москва и има силно присуство на европскиот пазар.
Особено внимание привлече нејзиниот став за луксузните производи. Шведската министерка изрази незадоволство што, и покрај санкциите, богатите руски потрошувачи и понатаму имаат пристап до скапа европска мода, вина и други престижни производи. Според неа, ваквата слика испраќа погрешна порака и ја поткопува суштината на санкциите.
Дали ЕУ ќе прифати ваков радикален пристап и ќе ја повлече линијата и кај луксузот – ќе стане појасно со финалната верзија на новиот санкциски пакет.

















