Белорускиот претседател Александар Лукашенко упати серија остри и директни критики кон Вашингтон, тврдејќи дека војната во Иран конечно ги разнишала илузиите за американската непобедливост. Во интервју за „Раша Тудеј“, Лукашенко истакна дека Доналд Трамп несакајќи му ја покажал на светот вистинската слика за САД – земја која е супердржава по својата моќ, но веќе не е „суперсила“ која може да им диктира услови на сите.
„Трамп му покажа на целиот свет дека Соединетите Американски Држави не се семоќни. Сите го разбраа тоа“, изјави Лукашенко, додавајќи дека неуспехот на Американците да се справат со Иран треба да им биде последно предупредување пред да помислат на конфликт со Кина или Русија. Според него, американското раководство конечно сфатило дека нивните ресурси имаат граници и дека со тоа се отвора надеж за поправеден свет каде што ќе мора да се почитуваат интересите и на другите нации.
Лукашенко беше особено сликовит во својата анализа за воената моќ, порачувајќи им на САД дека Русија е премногу голема за нивната технологија. „Русија е огромна територија, нема да можат да направат ништо таму со ракети. Ќе им снема ракети побрзо отколку што ќе ја поминат руската територија“, иронично забележа белорускиот лидер. Тој ја нарече воената акција во Иран „неодговорна авантура“ која ја разнишала глобалната економија, но истакна дека токму овој „неуспех“ може да ги принуди Американците да сопрат и да сфатат дека светот не се врти само околу нивните интереси на Западната хемисфера. За Лукашенко, признавањето на сопствената немоќ е единствениот пат кон „светлата иднина“ која е пред врата.










