ПРВ.мк
Свет

Америка ги менува приоритетите: Оружјето за Европа е одложено - дали е загрозена европската безбедност?

Америка ги менува приоритетите: Оружјето за Европа е одложено - дали е загрозена европската безбедност?

Соединетите Американски Држави предупредиле повеќе европски држави дека ќе има доцнење во испораките на веќе договорено оружје, објавува Reuters.

Според информациите, одложувањата најмногу ги засегаат земјите од Балтикот и Скандинавија, кои очекувале испораки преку американската програма Foreign Military Sales (FMS).

Главната причина, како што наведуваат извори, е намалувањето на американските залихи поради засилените воени тензии и конфликтот со Иран, што ја зголемило побарувачката за вооружување во рамки на сопствените американски безбедносни приоритети.

Иако договорите се веќе потпишани, дел од опремата сè уште не е испорачана, што создава дополнителна неизвесност меѓу европските сојузници. Во некои држави веќе се чувствува незадоволство, бидејќи одложувањата доаѓаат во момент на зголемени безбедносни ризици во Европа.

Како реакција на ваквиот развој, дел од европските земји сè повеќе ја разгледуваат опцијата за зајакнување на сопственото одбранбено производство, со цел да се намали зависноста од американските испораки и да се обезбеди побрза достапност до воена опрема.

Ситуацијата дополнително ја отвора дебатата за долгорочната безбедносна зависност на Европа и стабилноста на глобалните воено-индустриски синџири на снабдување.