Украинскиот парламент усвои закон кој, според предупредувањата на критичарите, би можел да ја поткопа борбата против корупцијата и сериозно да ги загрози шансите на земјата за влез во Европската Унија, пишува Politico.
Новиот закон ги става Независното национално антикорупциско биро на Украина (НАБУ) и Специјалното антикорупциско обвинителство (САП) под надзор на главниот државен обвинител – кој го именува претседателот Володимир Зеленски.
Иако законот првично беше предложен од пратеници од партијата на претседателот „Слуга на народот“, со цел измена на кривичниот законик за време на воената состојба, дополнителните амандмани насочени кон институциите за борба против корупција предизвикаа остри критики во земјата.
„Инфраструктурата за борба против корупција ја уништија токму нашите сопствени пратеници“, изјави директорот на НАБУ, Семјон Кривонос. „Всушност, ова не е само судир на интереси, туку и закана за интеграцијата на Украина во ЕУ“.
Во понеделникот, само еден ден пред контроверзниот закон да биде изгласан, украинската служба за безбедност (СБУ) изврши низа рации во просториите на Националното антикорупциско биро (НАБУ), наводно поради истрага за можна соработка на вработени со руски шпиони.
Брисел е длабоко загрижен
Европската Унија во вторникот изрази загриженост поради новиот закон.
„Овие институции се клучни за реформскиот програм на Украина и мора да функционираат независно за ефикасно да се води борба против корупцијата и да се одржи довербата на граѓаните“, изјави портпаролот на Европската комисија, Гијом Мерсје.
Тој нагласи дека ЕУ ѝ дава значителна финансиска поддршка на Украина, но таа е условена со напредок во транспарентноста, реформи во правосудството и зајакнување на демократското управување.