Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД ќе ги прекинат воените напади врз Иран во период од две недели, отворајќи простор за потенцијален договор што би можел да донесе долгорочен мир на Блискиот Исток.
Во објава на социјалната мрежа Truth Social, Трамп посочи дека одлуката доаѓа по разговори со пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф и армискиот врв на Пакистан, кои побарале одложување на планираните акции. Според него, прекинот на нападите е условен со целосно, итно и безбедно отворање на Ормускиот теснец од страна на Иран.
Трамп потенцира дека оваа мерка претставува „двостран прекин на огнот“, додавајќи дека САД веќе ги исполниле своите воени цели и се блиску до постигнување финален договор со Техеран.
Клучен дел од процесот, како што наведува, е предлог од десет точки доставен од Иран, кој според американската страна претставува солидна основа за понатамошни преговори. Трамп тврди дека најголемиот дел од спорните прашања меѓу двете држави веќе се усогласени, а наредните две недели ќе бидат искористени за финализирање на договорот.
„Имаме историска шанса за траен мир со Иран и стабилност во регионот“, порача Трамп, нагласувајќи дека решението е поблиску од кога било.
Доколку договорот биде постигнат, тоа би значело значително намалување на тензиите во еден од најчувствителните региони во светот и можен пресврт во односите меѓу САД и Иран.










