Загрижени граѓани испратија видео на кое се гледа густ чад што се издига над Арачиново и се шири кон околните населени места. Според нивните сведоштва, изворот на загадувањето е депонија која гори веќе две недели.
Граѓаните алармираат дека чадот предизвикува силни непријатни миризби, печење и солзење на очите, како и сериозна загриженост за квалитетот на воздухот и здравјето, особено кај децата и повозрасните.
Тие тврдат дека случајот го пријавиле во Центар за управување со кризи, но добиле одговор дека институцијата не е надлежна, по што биле упатени да се обратат до медиумите.

Ситуацијата отвора прашања за институционалната координација и итноста на реакцијата, со оглед на тоа што вакви пожари на депонии можат да испуштаат опасни и токсични материи во воздухот. Граѓаните бараат брза интервенција и трајно решение за проблемот кој, како што велат, станува сè посериозен.










