Македонското еколошко друштво (МЕД) соопшти дека пред околу десетина дена на планината Баба Сач успешно била фатена и обележана рисица, во рамки на активност за следење и заштита на дивите животни.
Акцијата е спроведена во соработка со Здружението на ловци „Елен“ од Кичево, а поради празникот Благовец, животното го добило името Благица. Станува збор за здрава женка, стара околу 4 до 5 години, со тежина од околу 17 килограми.
Во процесот учествувал и стручен тим од Ветеринарниот факултет во Скопје, кој извршил детални здравствени прегледи и земање примероци за анализа. Прегледите покажале дека рисицата е во одлична здравствена состојба, без знаци на болести или паразити.

По поставувањето на GPS-околувратник, Благица веќе се следи во реално време. Првичните податоци покажуваат дека се движи во поширокото подрачје на Баба Сач и Илинска-Плакенска Планина. Ова се смета за значаен научен чекор, бидејќи во овие региони досега не се користела радиотелеметрија за следење на рисот, што отвора можности за подетално истражување на неговото однесување и движење.
Ловџиите од „Елен“ пријавиле и прв регистриран плен – срна, што според експертите е показател дека Благица успешно се адаптира на природната средина.
Стручњаците посочуваат дека следен важен момент ќе биде дали рисицата ќе добие младенчиња, што би претставувало значаен придонес за закрепнување на популацијата на балканскиот рис во Македонија.










