Научници ширум светот трагаат по можноста за постоење на живот на други планети, а едно неодамнешно откритие дава надеж дека тоа навистина може да постои. Според сè уште непотврдени истражувања, можеби е пронајдена планета на која би можел да се развие живот. Ова небесно тело, оддалечено 117 светлосни години од Земјата, орбитира околу ѕвезда наречена „бело џуџе“, пренесува Би-би-си.
Научниот труд за планетата, која се наоѓа во зона каде што не е ниту премногу студено ниту премногу топло и каде што постојат услови за живот, неодамна е објавен во научното списание на Кралското астрономско друштво. Според професорот Џеј Фарихи од Кралскиот колеџ во Лондон, кој го предводи тимот истражувачи, ова набљудување претставува нешто сосема ново за астрономите.
– Ова е првпат да се забележи нешто вакво во населивата зона на „бело џуџе“. Можно е да постои живот на планета која орбитира околу „бело џуџе“ и која е 60 пати поблиску до својата ѕвезда отколку што Земјата е до Сонцето – изјави професорот Фарихи за Би-би-си.
Истражувачкиот тим засега нема директни докази за постоењето на планетата, но движењето на 65 структури со големина на Месечината, кои кружат околу населивата зона на „белото џуџе“, укажува дека таа најверојатно постои. Растојанието меѓу овие структури не се менува, што сугерира дека тие се под влијание на гравитацијата на планета која се наоѓа во нивна близина.
– Ова откритие претставуваше вистинско изненадување за тимот. Движењата беа толку прецизни што јасно укажуваат на постоење на небесно тело – објасни Фарихи.
Додека многу големи ѕвезди, кога ја потрошат својата енергија, се претвораат во црни дупки, помалите ѕвезди, како нашето Сонце, стануваат „бели џуџиња“ – ѕвезди кои го потрошиле своето нуклеарно гориво и ги изгубиле своите надворешни слоеви. Тие обично се со големина на планета и испуштаат сино-бела светлина кога првпат се формираат.
Благодарение на современите технологии, научниците дознаваат сè повеќе за вселената и новооткриените планети. Така, неодамна беше откриена и планетата Проксима Д, која орбитира околу „црвеното џуџе“ Проксима Кентаур, ѕвездата која е најблиску до Сончевиот Систем. Се претпоставува дека оваа планета има четвртина од масата на Земјата.


















