По серијата вознемирувачки дојави за наводно поставени бомби во училиштата во Тетово, полицијата конечно влезе во трага на лицата кои стојат зад паниката што со денови ја тресеше јавноста.
Според информациите, приведени се вкупно пет лица, а она што дополнително ја изненади јавноста е фактот дека дури четири од нив се малолетни. Ова не е изолиран случај, бидејќи претходно биле уапсени уште две лица, меѓу кои исто така имало малолетник, поврзани со истите настани.
Надлежните институции веќе подготвуваат соодветни постапки против сите инволвирани, кои ќе се соочат со последици согласно Кривичниот законик. Случајот отвора сериозни прашања за одговорноста и влијанието врз младите, особено кога станува збор за вакви чувствителни теми што предизвикуваат масовна паника.
Од Министерството за внатрешни работи испратија јасна порака до родителите – потребна е итна и засилена контрола врз однесувањето на децата. Според нив, превенцијата е клучна за да се спречат вакви ситуации кои директно ја нарушуваат безбедноста и создаваат страв кај учениците и граѓаните.
Во меѓувреме, од СВР Тетово потенцираат дека нема да има толеранција за вакви дејствија. Секој иден обид за ширење лажни закани ќе биде строго санкциониран, а одговорност ќе сносат не само сторителите, туку и родителите доколку се утврди занемарување на нивната должност.


















