Општина Бутел денес потпиша договор со економски оператор за изградба на нова, модерна поликлиника, проект кој, според најавите, треба значително да ја унапреди здравствената заштита за жителите.
Градоначалникот Дарко Костовски информира дека носител на проектот е Општина Бутел, додека Министерството за здравство ќе учествува партнерски во реализацијата. Во објавата, тој изрази благодарност до Владата и премиерот Христијан Мицкоски за поддршката, истакнувајќи дека проектот претставува „историски чекор“ за општината.
Новата поликлиника, според плановите, ќе обезбеди поширок спектар на здравствени услуги, вклучително и РТГ кабинет со ехо, лабораторија и аптека. Дополнително, за граѓаните ќе биде достапен и пункт за итна медицинска помош, како и ноќна служба.
Локацијата за објектот е предвидена со Деталниот урбанистички план донесен на 16 февруари 2024 година, при што поликлиниката е планирана на местото на старата амбуланта. Од општината најавуваат дека градежните активности ќе започнат наскоро, а јавноста очекува и датум за поставување камен-темелник.
🔽 ОД ДЕНЕС СЛУШАЈ ЈА ТВОЈАТА ОМИЛЕНА РАДИО СТАНИЦА НА ПРВ.МК 🔽



















