Екс вицепремиерот Артан Груби се најде во центарот на безбедносна загриженост, откако се појавија информации дека му се заканува опасност по живот од лице со познат криминален бекграунд.
Според извори од истрагата за ТВ 24, три службени белешки од МВР стигнале до Основното јавно обвинителство, кои станале клучен аргумент за обвинителот Даниел Коцев да побара домашен притвор за Груби, повикувајќи се на загрозена безбедност додека е во притвор.
Изворите откриваат дека АНБ добило податоци од соседска разузнавачка служба пред повеќе од една година, кои укажувале дека постои сериозна закана за животот на Груби:
„Пред една година до АНБ се обрати разузнавачка служба од соседството со податоци кои ги пресретнале дека на Артан Груби му се заканува опасност по живот и ликвидација од лице со криминално минато и познато во криминалните кругови,“ вели извор од истрагата.
Информациите биле доставени по службен пат до МВР, а потоа автоматски до ОЈО, што ја направи основата за оценка на ризикот по неговата безбедност.
Случајот отвора сериозни прашања за заштитата на високопозиционирани функционери и нивната безбедност во услови на закани од организиран криминал.

















