ПРВ.мк
Македонија

Неколку секунди ги делеле од смртта – сведоштвата од „Пулс“ ја откриваат вистината што сите ја прашуваат

Неколку секунди ги делеле од смртта – сведоштвата од „Пулс“ ја откриваат вистината што сите ја прашуваат

На денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“, неколку преживеани пред судот ги опишаа драматичните мигови за време на евакуацијата, кога огнот брзо се проширил по активирањето на пиротехнички средства.

Сведокот Мартин Димитров изјави дека пожарот избувнал околу 2:30 часот, по што настанала паника меѓу присутните. Тој раскажа дека со голем напор успеал да ја извлече својата девојка и уште едно лице кон излезот, нагласувајќи дека неколку секунди можеле да бидат пресудни. Според неговото сведочење, додека се обидувале да излезат, во објектот владеел целосен хаос, а видливоста брзо се намалила.

Во своето сведочење, Димитров посочи и дека починатиот фотограф Александар Ѓорѓиев се обидувал да го спречи ширењето на огнот, додека, како што рече, не забележал противпожарни апарати или хидранти, освен ознаки за излез над единствената врата.

Сведочеше и Анастасија Илиева, која била во дискотеката со четири другарки, од кои две биле малолетни. Таа изјави дека по почетокот на настапот на групата ДНК и активирањето на пиротехниката, ситуацијата за кратко време излегла од контрола и настанало стампедо. Илиева наведе дека била спасена преку отвор направен во ѕидот.

Друг сведок кажа дека пламенот за многу кратко време го зафатил целиот плафон, по што следувала паника кај присутните.

Судењето продолжува во доказна постапка пред судијката Дијана Груевска-Илиевски. Во пожарот што се случи на 16 март 2025 година, животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.