Националниот парк Шар Планина објави дека со видео надзор во заштитеното подрачје се регистрирани две нови единки на балкански рис, со што вкупниот број евидентирани рисови на оваа територија сега изнесува пет. Станува збор за редок и загрозен вид, а новите снимки се сметаат за исклучително важен сигнал за неговото присуство и опстанок на Шар Планина.
Од Паркот информираат дека двете новорегистрирани единки биле забележани при редовен мониторинг на дел од територијата што административно припаѓа на Општина Врапчиште. Според нив, животните се во добра здравствена состојба, што се оценува како позитивен показател за стабилизирање и можно закрепнување на популацијата на овој редок вид.
На почетокот на 2026 година, Националниот парк Шар Планина најави поинтензивно следење на балканскиот рис, во соработка со Македонското еколошко друштво. За таа цел биле набавени и дополнителни фотозамки за мониторинг на дивиот свет, што овозможува попрецизно следење на движењето и присуството на животните во заштитеното подрачје.
Според проценките, на планините во западниот дел од државата има околу 40 единки балкански рис. Неговото присуство со години се следи со камери поставени на повеќе локации, меѓу кои се Шар Планина, Маврово, Пелистер, Јабланица, Галичица, Илинска Планина и Јасен.


















