Поради обилните врнежи и наглото топење на снегот од планината Кожуф, водата за пиење од регионалниот водовод „Лукар“ е заматена и небезбедна за директна употреба, предупредуваат здравствените власти. Надлежните апелираат граѓаните задолжително да ја превриваат водата пред консумација.
Од Одделението на Центарот за јавно здравје во Кавадарци информираат дека мерењата покажале отсуство на резидуален хлор, што укажува на недоволна дезинфекција на водата. Како итна мерка, издаден е налог до комуналното претпријатие за зголемување на дозирањето на хлор, а паралелно се земаат и дополнителни примероци за анализа.
Според надлежните, оваа вода ја користат околу 60.000 жители од Кавадарци, Неготино и Росоман, што ја прави ситуацијата особено сериозна за регионот Тиквешија.
Здравствените служби потенцираат дека превривањето на водата е неопходно сè додека не се потврди дека таа повторно е безбедна за пиење. Граѓаните се повикуваат да ги следат препораките и официјалните известувања со цел да се избегнат можни здравствени ризици.










