Системот „Безбеден град“ ќе започне да функционира и во Струмица во текот на оваа година, како дел од проширувањето на проектот кој веќе е активен во неколку македонски градови.
На работна средба меѓу директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, и градоначалникот на Струмица, Петар Јанков, било разговарано за воведувањето на системот и неговото значење за безбедноста во сообраќајот.
Фокусот бил ставен на заштита на сите учесници, особено пешаците, како и на подобрување на сообраќајната инфраструктура и поефикасно користење на ресурсите. Надлежните оцениле дека ваквите модерни решенија, заедно со координиран пристап меѓу институциите и локалната власт, се клучни за создавање побезбедна средина.
Проектот „Безбеден град“ веќе функционира во Скопје, Тетово и Куманово, а најавено е негово проширување и во други градови, меѓу кои и Велес.
Со ова, Струмица се приклучува кон градовите каде што ќе се применуваат нови технологии за следење и подобрување на сообраќајната безбедност.










