ПРВ.мк
Македонија

„ЛОВ НА БРЗИ ВОЗАЧИ“ НА ЦЕЛА ТЕРИТОРИЈА: МВР стартува 24-часовен радарски маратон, ќе се мери брзина без прекин низ државата - еве до кога ќе трае!

„ЛОВ НА БРЗИ ВОЗАЧИ“ НА ЦЕЛА ТЕРИТОРИЈА: МВР стартува 24-часовен радарски маратон, ќе се мери брзина без прекин низ државата - еве до кога ќе трае!

Македонската полиција неделава започнува засилени радарски контроли на патиштата низ целата држава, во рамки на европска координирана акција за безбедност во сообраќајот. Акцијата ќе трае до 19 април, а веќе од вечерва на полноќ стартува и 24-часовен радарски маратон, кој ќе трае без прекин цело деноноќие.

Според најавите, од среда 15 април од 00:00 часот до четврток 16 април во исто време, ќе се спроведува континуирана контрола на брзината на движење на возилата на територијата на целата држава. Ова значи дека во текот на 24 часа, сообраќајната полиција ќе биде постојано на терен со радарски контроли.

Акцијата е дел од европската иницијатива на Европската мрежа на сообраќајни полиции РОАДПОЛ, во која учествуваат сите членки на мрежата. Целта е истовремено и координирано да се контролира брзината на движење на патиштата низ Европа, со фокус на намалување на сообраќајните несреќи.

Од Министерството за внатрешни работи соопштуваат дека дел од локациите каде што ќе се вршат контролите се однапред познати на возачите, со што, како што велат, се нагласува превентивниот карактер на акцијата, а не исклучиво казнувањето.

Според МВР, основната цел е возачите да ја почитуваат дозволената брзина и со тоа да се зголеми безбедноста во сообраќајот и да се спасат животи. Тие истакнуваат дека акцентот е ставен на превенција, а не на санкции.

Оваа координирана европска акција, позната како РОАДПОЛ радарски маратон, истовремено се спроведува на патиштата низ цела Европа, со цел да се испрати силна порака за важноста на одговорното возење и почитување на сообраќајните правила.