Дел од пекарниците во Прилеп и Битола најавија зголемување на цената на белиот леб од 450 грама – од 35 на 40 денари, почнувајќи од утре. Граѓаните, сепак, тврдат дека и претходно веќе го плаќале по повисока цена, објави Телма телевизија.
Поскапувањата се прошириле и на други производи – претходно пораснаа цените на зејтинот и јајцата, а на пазарите растат и цените на зеленчукот, особено на пиперките и доматите.
Овој тренд создава дополнителен притисок врз домашниот буџет. Според последните податоци на Сојузот на синдикати, потрошувачката кошничка за три месеци се зголемила за над 2.000 денари.
И покрај тоа што минималната плата е зголемена за 1.600 денари, останува прашањето дали тоа ќе биде доволно за да ги ублажи растечките трошоци за живот.



















