ПРВ.мк
Македонија

Државна матура 2026: Нов модел на полагање за гимназии, стручни и уметнички училишта!

Државна матура 2026: Нов модел на полагање за гимназии, стручни и уметнички училишта!

Со измените во Законот за средно образование, годинава матурантите ќе полагаат три различни типа завршни испити – државна матура, државна стручна матура и државна уметничка матура, прилагодени на видот на образованието што го следеле.

Министерката Весна Јаневска изјави дека испитите ќе бидат усогласени со наставните програми, имајќи предвид дека обемот на општообразовни предмети е различен кај гимназиите, стручните и уметничките училишта.

Таа посочи дека не очекува зголемување на препишувањето, нагласувајќи дека минатата година имало значително намалување на ваквите обиди, што се должи на подобрата организација и зголемената свесност кај учениците за значењето на матурскиот испит.

Според календарот на Државен испитен центар, гимназијалците ќе го полагаат првиот екстерен испит на 6 јуни (странски јазик, математика или историја), додека испитот по мајчин јазик и литература е закажан за 11 јуни.

Учениците од стручните училишта ќе полагаат на 6 јуни (англиски јазик или математика), а мајчин јазик на 12 јуни. Истите датуми важат и за уметничките училишта, каде што изборот за првиот испит е меѓу англиски јазик и историја, додека вториот е мајчин јазик и литература.

Новата организација има за цел поправедно оценување и подобра усогласеност со наставните програми, со што матурата ќе биде реален показател на знаењето стекнато во текот на средното образование.