ПРВ.мк
Македонија

ДЕТЕ СЕ ШЕТА СО НОЖ ВО УЧИЛИШТЕ ВО МАКЕДОНИЈА: Родителите загрижени за безбедноста на учениците!

ДЕТЕ СЕ ШЕТА СО НОЖ ВО УЧИЛИШТЕ ВО МАКЕДОНИЈА: Родителите загрижени за безбедноста на учениците!
Kristal

Родителите на учениците од основното училиште „Киро Глигоров“ во општина Центар изминатиот период се во страв поради повеќе инциденти кои го довеле во прашање чувството на безбедност на нивните деца. Последниот случај го „прели чашата“ – ученик од четврто одделение извадил нож од училишниот ранец во училница, меѓу соучениците.

Според сведоштва на родители, детето претходно покажувало агресивно и насилно однесување, вклучително физички напади врз соученици со ножици, а минатата година нападнало и ученик со посебни потреби. По инцидентот со ножот, мајката на детето објаснила дека ножот по грешка бил ставен во ранецот при подготовка на појадок.

Родителите на соучениците реагираат дека училиштето не презело соодветни и транспарентни мерки за заштита, туку едноставно прифатило изјава од мајката. Тие посочуваат дека стручните служби работат со детето веќе четири години, но однесувањето останува проблематично, а состојбата се влошува.

Група родители доставиле и писмен став во кој изразуваат сериозна загриженост поради физички напади, вознемирување и психофизички притисок врз децата, како и за тоа што училиштето, според нив, приоритет дава на минимизирање на инцидентите, наместо на системско решавање и заштита на учениците.

Директорката на училиштето, Билјана Билбиловска, изјави дека по инцидентот од 9.2.2026 година, училиштето постапило веднаш и согласно законските прописи: ученикот бил изведен од паралелката, случајот пријавен до надлежните институции, а изготвен е писмен план за поддршка со индивидуална работа со психолог, специјален едукатор и засилена опсервација. Директорката истакна дека не било утврдено заканувачко однесување кон другите ученици и дека училиштето останува посветено на обезбедување безбедна и поддржувачка средина.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, потврди дека МОН ја следи ситуацијата и дека Државниот просветен инспекторат постапува за изготвување записник и дополнителна проценка. Таа посочи дека, доколку е потребно, детето треба дел од наставата да ја следи во друга установа со образовен асистент за да се обезбеди безбедноста на другите ученици.

Родителите, сепак, велат дека и покрај преземените мерки, стравот и неизвесноста за безбедноста на нивните деца продолжуваат, нагласувајќи дека кога станува збор за заштита на учениците, време за чекање нема.

SWM
Pharmanova
FixCredit
Escape
Mia Home Mavrovo