ПРВ.мк
Македонија

Министерството за спорт потпиша историски колективен договор - Етапно зголемување на платите до 21% и бројни придобивки за вработените

Министерството за спорт потпиша историски колективен договор - Етапно зголемување на платите до 21% и бројни придобивки за вработените
Kristal

Министерството за спорт претставено од министерот Борко Ристовски и Синдикатот на администрација, државна управа и правосудство (САДУ), претставуван од претседателот Благоја Ралповски, денеска склучија Колективен договор за вработените во Министерството.

Ова е историски прв колективен договор на Министерството за спорт склучен по неговото формирање во јули 2024 година.

Со овој договор значително се унапредуваат правата на вработените, се обезбедуваат поповолни услови од оние предвидени со досегашните законски решенија и важечките колективни договори во јавниот сектор. Документот опфаќа нови и проширени права за вработените, со цел подобрување на статусот и условите за работа.

Клучната новина е значителното зголемување на платите на административните службеници, кое ќе се реализира етапно, во три фази, започнувајќи од март 2026 година до март 2028 година:

-7% зголемување од 1 март 2026 година,

-дополнителни 7% од 1 март 2027 година и

-дополнителни 7% од 1 март 2028 година.

Со ова, вкупното зголемување на платите ќе достигне 21% во наредниот тригодишен период.

Платите на вработените кои немаат статус на административни службеници ќе се уредуваат согласно Законот за минимална плата и општите прописи за работни односи.

Колективниот договор предвидува и бројни бенефити за вработените, меѓу кои регулирање на прекувремената работа, платено и неплатено отсуство, додатоци на плата за ноќна работа, сменска работа, работа во денови на празници и прекувремена работа, јубилејни награди, гаранции за заштита и безбедност на вработените, заштита од вознемирување на работното место, надоместување на трошоци поврзани со работата и друго.

Со потпишувањето на овој договор, Министерството за спорт и социјалните партнери испраќаат силна порака за заедничка посветеност кон унапредување на работничките права, зајакнување на социјалниот дијалог и градење модерна и ефикасна јавна администрација.

SWM
Mozzart
Pharmanova
FixCredit
Escape
Mia Home Mavrovo